Фељтон Тоше

25
Фељтон Тоше Web Special За Тоше Крушево беше центар на светот Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (1) Валентина Тодоровска Денес е 25 јануари. Да постоеше логика во судбината, космичкиот ред на настаните, да добиеше подобри карти од животот, Тоше ќе наполнеше 27 години. Време создадено за пишување историска биографија, за мечтаење меѓу концерти, постепено раскинување со младешките илузии и - за животот. Уште беше рано за првите бели влакна и првите брчки. А, очекувавме да ги добие, да созрее, да ги вкуси убавините на создавањето семејство, на својот интерен космос. Ќе се одбегнеше ли трагедијата да останеше во родното Крушево како наставник по музика, осакатувајќи го Балканот за едно фантастично музичко искуство? Или да ја завршеше академијата и посмирено да го восхитуваше светот со препознатливо крушевско белканто? Животот наспроти смртта. Го има ли тоа надвор од филмското платно? Илјада прашања и илјада одговори, претпоставки за изминатите три и пол месеци откако Македонија и Балканот го нема Тоше. Откако остана без момчето што беше синоним за искреност, љубов и чест. Тоше навистина беше подготвен да му припаѓа на човештвото, не се штедеше во мисијата да

Upload: lori-bebic

Post on 25-Nov-2014

131 views

Category:

Documents


4 download

TRANSCRIPT

Page 1: Фељтон Тоше

Фељтон ТошеWeb Special

За Тоше Крушево беше центар на светот

Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (1)

Валентина Тодоровска

Денес е 25 јануари. Да постоеше логика во судбината, космичкиот ред на настаните, да добиеше подобри карти од животот, Тоше ќе наполнеше 27 години. Време создадено за пишување историска биографија, за мечтаење меѓу концерти, постепено раскинување со младешките илузии и - за животот. Уште беше рано за првите бели влакна и првите брчки. А, очекувавме да ги добие, да созрее, да ги вкуси убавините на создавањето семејство, на својот интерен космос.

Ќе се одбегнеше ли трагедијата да останеше во родното Крушево како наставник по музика, осакатувајќи го Балканот за едно фантастично музичко искуство? Или да ја завршеше академијата и посмирено да го восхитуваше светот со препознатливо крушевско белканто? Животот наспроти смртта. Го има ли тоа надвор од филмското платно?

Илјада прашања и илјада одговори, претпоставки за изминатите три и пол месеци откако Македонија и Балканот го нема Тоше. Откако остана без момчето што беше синоним за искреност, љубов и чест. Тоше навистина беше подготвен да му припаѓа на човештвото, не се штедеше во мисијата да ја шири љубовта меѓу луѓето и како виножито по дождот да го бои животот со песна.

Во неговиот крштален лист е наведен градот Прилеп. Сестрата Дори, која е шест години постара, во своите не секогаш пријатните сеќавања и соочувања со вистината, ни раскажа дека јануарските денови во 1981 година, пред Тоше и мајка им Домника да пристигнат од болница, беа вистинска бајка за неа. Најпосле бебе! Нешто малечко, слатко и - нејзино! Дори со треперлива возбуденост си ги редеше во себе сите песни со кои ќе го фасцинира помалото братче.

Page 2: Фељтон Тоше

Така би можела да се почне биографијата на Тоше, оти во куќата на Проевци, пред 27 години, на среќата и' немаше крај. Децата се благослов од Господ, а ова сиромашно и религиозно семејство си имаше девиза - секогаш има место за уште една уста. Така, неколку дена Дори во домашната куќа, тогаш еднокатница, ја претрчувала собата по сто пати. Џабе биле предупредувањата на баба и' дека е се' исчистено и средено за бебето, да не ги расипува килимите и чергите, качувајќи се по пенџерињата.

Минатата година, во „Аворд продукција“, токму на овој ден падна договор за правење документарец за Тоше. Требаше да се раскаже неговиот живот, кариерата, новинарите да прозборат за важните моменти во биографијата. Тоа беше сценариото на неговиот омилен текстописец Огнен Неделковски. Луѓето од „Аворд“ и менаџерката Лилјана Петровиќ на Тоше му подготвија слатко изненадување - торта кабриолет „буба“ во портокалова боја, боја на живот и радост.

„Кога дојде Тоше, му го честитав роденденот, се сеќава Огнен. Извини, не знаев дека ти е роденден, ме повикаа за серијата, сега ќе си одам“, му реков.

Page 3: Фељтон Тоше

Но, Тоше , онака, едноставно и без многу филозофирање, оти јазикот на срцето не признава напудрени дијалози, го прегрнал и му кажал: „Огненче, ти си ми најблизок, остани тука, те молам“. Пиеја црвено вино, се смееја и си раскажуваа.

Колку што Тоше не беше оптоварен со родендените толку неговите обожавателки не пропуштаа да му го честитаат - обично му го блокираа влезот со цвеќе, телефонот му го пренатрупуваа со СМС-пораки, а кадифените мечиња, срциња и што уште не, секогаш му биле најдрагите подароци на Тошка. Неретко на неговата адреса стигнувале и торти и разни благи работи. Не толку одамна на некоја девојка и' текнало да му прати целувки, директно од Крушево.

Во 1998 година, кога мобилните телефони предизвикуваа недоверба, договорите за интервју со Тоше, бидејќи почна да му се случува популарност, трпеа разни промени. Тој, растргнат меѓу автобусите, средното училиште во Битола, желбата случките првин да ги раскаже дома во Крушево, на денот на роденденот си го отвори срцето - дека повеќе ги сака празниците како што се Велигден и Божик. А срцето повеќе му заигрува кога семејството е на свечена трпеза, кога се слави Господ.

„Родендените се за другите“, повторуваше тој, ама вистински беше заинтересиран за својот зодијачки знак Водолија, оти во ѕвездите го најдовме „виновникот“ за постојаните доцнења. Тоше трогателно бараше логични врски во астрологијата и со очи ширум отворени и' даде шанса таа да го заведе. Не случајно за Водолиите се врзува поимот пријателство, и не случајно Тоше беше вистински пример за ширење љубов меѓу луѓето.

И колку најупотребуваната реченица „Ве сакам сите“ не е фраза, туку природна и искрена работа. Во тој контекст Тоше, во раните години на својата младост, беше горд на другарите од Крушево - Тошки Мазар, Ѓоко, Кочо, Митко, Николче, Јовица, Пеце, Јоргу, Џанго...

На 17- годишното момче Скопје му беше вистинска слатка мистерија и уживаше да го истражува. Знаеше со термос, за време на конфликтот во 2001 година, да ги изненади полицајците, а подоцна колпортерите. Знаеше што е студ и што е немање. Уште повеќе колку зборовите можат да стоплат. Откако парите на Тоше не му претставуваа проблем, неретко ќе купеше гајба лименки и ќе ги оставеше на семафор.

Тоше никогаш не криел ниту, пак, се срамел од фактот дека парите не се императив и многу честа појава кај нив дома. Никогаш не се трудел да фасцинира со она што не е. На првата година на студии несебично го нудеше својот „еурокрем“ кој го имаше централното место на масата. Наместо цвеќе. Веројатно поради раните раскрстувања дека „среќата со пари не се купува“, не правеше разлика меѓу луѓето - не му беше важна ниту боја, ниту религија, ниту гардероба. Во светот има толку убави работи, а младото крушевчанче секогаш

Page 4: Фељтон Тоше

повеќе им се восхитуваше на духовните отколку на материјалните нешта. И додека некои од неговата генерација се фалеа со фармерки и патики, тој за адут си го имаше Крушево. Родниот град му беше парче најубаво чоколадо во скоро скинати џебови. И кога зборуваше за него, лицето му се трансформираше во лик на скоро стасан маж. И приказната најчесто ја започнуваше со реченицата „Колку Крушево е блиску до небото и птиците“.

И таа љубов не се смени многу години потоа.

Крушево пред и по трагедијата со Тоше личи на разгледница сликана на зазорување и на зајдисонце. Постои тага што е развлечена и скриена по сокачињата. Но, крушевчани, секогаш гостопримливи и традиционално љубезни, со понекој гест ќе ве уверат дека живеат со Тоше и за него. Низ чаршијата, во епицентарот на градот, во секое дуќанче, сендвичарница, киоск, е залепена слика на Тоше

Времето како да застанало од ланскиот 16 октомври. Но, само на прв поглед. До 2000 година Крушево го посетувале 20-30 илјади гости годишно. Сега е постојано раздвижено. За викендите пристигнуваат по 20 автобуси од целата Македонија, а за време на зимскиот распуст се бараше соба повеќе.

Така, љубовта што си ја чувствуваше Тоше кон својот град постепено премина и на луѓето што го сакаат Тоше. И не џабе Тоше си го нарекуваше град-слика.

„Никаде нема такви куќи, ќе дознае светот допрва за Крушево“, знаеше да рече тој. А љубовта си ја темелеше врз многу факти - врз анегдотите врзани за името, и за некој овчар кој стадото си го чувал под една круша, за надморската височина (1.250 метри) на која е вгнездено Крушево. „Луѓето за да се скријат од турскиот зулум, се качиле отпат, на Бушова Планина. Таму биле на сигурно, блиску до птиците“, ја раскажуваше Тоше историјата на својот град.

Семејната куќа на Проевци се наоѓа во близина на црквата „Свети Никола“, подигната во 1832 година, во времето на големиот Садарасем – Решид-паша.

Page 5: Фељтон Тоше

Градот има 13 цркви и сосема логично што Тоше е задоен токму во тој дух.

Првата станица се гробиштата Гумење. Таму, во некоја свечена тишина, над гробот на Тоше секогаш има многу цвеќе. Најмногу природно, кое како да не венее. Рози, каранфили, хризантеми. Многу играчки, срциња, мечиња. Од кадифе. Тие, пак, како да не се валкаат, стојат чисти. Со својата љубов и' се спротивставуваат на природата.

(Продолжува)

Последното долго и убаво лето

Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (2)

Валентина Тодоровска

Минатото лето Тоше како никогаш порано пред себе имал цели два месеца без ангажмани и обврски. Распуст и уживање! Подготвувајќи се за светска кариера, за пробив на европскиот пазар, собирал енергија од своето Крушево и од едно патување, со што си го отсонува својот сон. Му се оствари големата желба да го види Ерусалим, што за многумина значи втемелување на верата.

Првите денови од јули Тоше и неговата девојка Андријана Будимир поминаа една недела во Израел, татковина на еврејската и христијанската вера. Гледајќи ги фотографиите од тој период, останува едноставно да забележиме дека никогаш не бил поубав. И впечатокот не доаѓа само од ликот, од благоста со која надворешно се облагородил, туку од внатрешната смиреност, спокојот што очите секогаш му ги врзуваше за едно нешто. Тоше знаеше да се загледа во една точка и со часови да не мрдне.

Page 6: Фељтон Тоше

Во центарот на најзначајните историски споменици вљубената двојка ги виде остатокот од Соломоновиот храм, Западниот ѕид или Ѕидот на плачот, Витлеем и црквите поврзани со животот на Исус. Тоше како „добар плод од здрав корен“ претходно бил солидно поткован за ова патување, знаел што сака да види и што да направи. Доживување биле улицата поврзана со погибелот на Исус - Виа Долороса или Патот на солзите, црквичката на ридот Голгота каде што беше распнат светиот син, а потоа се искапиле и во реката Јордан.

По ова патешествие Тоше доби нова сила, но стана поинаков, замислен и меланхоличен. Можеби сега, кога не е меѓу живите, сите постапки, кажани и некажани работи, попримаат друга димензија и имаат поинакво значење. Но, најблиските се соочија со промената на својот најмил веднаш по неговото враќање во Македонија.

Сестра му Дори, која многу топло и со емоции се сеќава на сите детали што си ги чува како скапоцени камења во срцето, вели дека Тоше постојано бил замислен и молчалив. На домашните им покажал дел од крстовите купени од Ерусалим, а еден дел бил најден во торбите вратени од Нова Градишка по несреќата. Дори инсистирала да и' се довери, да си ја олесни душата, постојано го прашувала што му е, но Тоше останал доследен на себеси - своите немири ги кротел тивко, молчејќи.

„И јас забележав дека е сменет“, ни раскажа неговиот другар од детство Тошки Мавар. „Бевме многу блиски, отворени еден спрема друг, знаевме да си се ислушаме, па навистина ме изненади советот што ми го даде. Ми рече да почнам на луѓето да им кажувам што мислам зашто, заштитувајќи ги нив, се повредувам себеси. Ме изненади затоа што на дотогашните неправди Тоше секогаш реагираше помирливо, коментирајќи дека не е негово да суди. Дека некој одозгора гледа се'“.

Тоше не се успокои и по концертот на 5 октомври на Скопскиот стадион, каде што се случи ерупција на чувства, вистински спектакл за паметење.

„Постојано му се заблагодаруваше на Господ за сите нешта што не' опкружуваа.

Page 7: Фељтон Тоше

Бараше мир и ми велеше: ’Цеце, животот е преубав, само да даде Господ да потрае уште. Убаво ни е, добро живееме, среќни сме, гледај колку ни помогна Преображение‘“.

Инаку, деновите во Крушево, како по правило, беа убаво исполнети. Иако го имаше новото куче, златниот ретривер Бас, како деклариран љубител на кучиња, Тоше планираше пак да чува шарпланинци, оти пред пет години уживаше во палавштините на двојката „шарковци“ Меца и Тарзан кои на сите поголеми натпревари добивале одлични оценки. Беше многу горд на тоа.

Навиките се создаваа со утринско кафе во кафулето „Планет“, средба со другарите, одбојка попладне, а често така собрани одеа на езеро, до Мечкин Камен, црквата „Преображение“. Тоше уживаше во чувството дека е свој меѓу своите.

Голема љубов Тоше имаше за внуците Кристијан и Никола. Тие, пак, горди на својот вујко уживаа да се возат со џипот и го правеа тоа неколку пати на ден. Тоше сакаше да среќава луѓе низ чаршијата, застануваше да направи муабет, да најде убав збор за секој човек, порачуваше да се сакаат, да уживаат во животот.

Неговите блиски и сите што имаа контакт со него знаат дека не му се мрдаше од дома. Не му се одеше на пат, но Тоше ги сфаќаше обврските најсериозно. Пред да тргне за Скопје, кон Загреб, каде што го очекуваа снимањето нов спот, шоуто „69“ со Зухра, ја повреди ногата. Тоа беше слатка болка, бидејќи Тоше, познат по својот спортски дух и почитувач на девизата - во здраво тело..., првпат заигра со својот клуб Синалко, го победија противникот, одбојкарите од Тетово. Победата ја прославија со пица и Тоше на својот братучед Андреј постојано му повторуваше колку многу е среќен.

Таа, последната ноќ, недела - 14 октомври, Тоше спиеше со внукот Кристијан. Тие двајцата си имаа свој начин на разбирање и беа особено поврзани. Кристијан знаеше - ако сака да црта, Тоше ќе го прати кај дедо му Никола, зашто за себе секогаш велел дека е антиталент за цртање.

Затоа тука е музиката, а подобар и погенијален учител Кристијан не можел да има. Тоше го учеше да свири гитара, а првата песна „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ беше совладана. Таа вечер правеа „стратегија“ за понатаму, бидејќи Кристијан убаво пее и Тоше во него гледаше наследник, што во превод би значело учество на некој од детските фестивали во државата.

„Тоа утро дојдов кај моите за да го донесам Никола да го чуваат“, се сеќава Дори. „Тошки се подготвуваше за пат, требаше да тргне во 10 часот, но не му се стануваше, беше уморен и нерасположен. § велеше на мајка ми да го остави да поспие. Во меѓувреме, помалиот син Никола му ги скри клучевите од џипот и долго време не сакаше да каже каде се. Тоше беше молчалив, го болеше коленото. Кога ги најде клучевите, помалиот син не престана со плачење“.

Page 8: Фељтон Тоше

Неколку пати, како секогаш пред заминување, Тоше се поздравил со родителите и тргнал кон Прилеп, бидејќи оттаму сакал да земе одбојкар кој уште повеќе би го зајакнал клубот Синалко. Во Скопје имаше уште една обврска. Го чекаше снимањето на „Вртелешка“ и средба со Весна Петрушевска.

„Во понеделникот снимавме три емисии ’Вртелешка‘ - со Мирка Велиновска, Јелена Жугиќ и со Тоше“, ни раскажа Весна. „Во паузите меѓу снимањата отидов да се преслечам и го здогледав потпрен на шанкот во ходникот, облечен во џинс, многу сериозен. Се гушнавме, како многупати за тие десет години, се смеевме за повредата на ногата, ми рече: ’Од одбојка ми е, мајке, не ми е од друго. Ме боли, ама ќе помине‘.

Пред да влеземе во студиото, го подготвувам со прашањата, се договараме каде да поентира, а тој ми вели: ’Не грижи се, се' ќе ти кажам’. Потоа ми рече: ’Многу сум изморен‘. И моето инсистирање да не патува вечерта, туку утредента, да отспие и да тргне за Хрватска, како да не го слушна. Ми рече: ’Морам да одам, имам снимања и настапи‘“.

Пред судбината да си ги замеша прстите, само неколку часа пред фаталниот крај, Тоше посакал да се слушне со другарите од Крушево. Му се јавил на Мишко, прашувајќи каде се, колку се на број... Од оваа временска дистанца, тоа навистина звучи како поздрав.

Потоа се наоѓа со Ѓоле и тргнуваат на пат. Од бензинската пумпа „Наис“ кај наплатната рампа до Ниш ја собираат менаџерката Лилјана.

Другото е повторувано многупати. И многупати кажано. Ѓоле возел, Тоше бил на совозачкото место, дремел речиси цело време.

Се' до 6,25 часот во вторникот, 16 октомври. Кај Нова Градишка, Тоше се збогува со овој свет загинувајќи без болка. Ама ни ја остави нам.

(Продолжува)

Web Special

Кобен судир што ја измести Македонија

Page 9: Фељтон Тоше

Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (3)

Горан Адамовски

Вторник, 6,25 часот, 16 октомври 2007 година. Утро што неповторливо им го измени животот на сите оние што барем еднаш го имаа слушнато гласот на македонскиот славеј, како што го нарекуваа хрватските медиуми. Тоа злокобно утро им го скрши срцето на сите оние што живеат во овој дел од Европа.

Загрепските Интернет-портали и он-лајн изданија на тамошните дневни весници ја пуштија во етерот најстрашната вест. Никој не веруваше или, пак, не сакаше да верува. Се вртеа телефони, се прелистуваа сите можни хрватски Интернет-страници. Сите тие како најлоши гласници го повторуваа истото: Тоше веќе не е со нас.

А Тоше тоа утро иташе кон Загреб да продолжи да ја развива својата кариера и да затропа на светските порти. Со својот нов луксузен подарок од спонзорот „Порше Македонија“ брзаше за хрватската метропола, каде што го очекуваше збиен распоред. Претпладне гостување на една од најпопуларните телевизиски емисии на националната телевизија, ручек, па повторно на пат кон далечниот истарски град Пула, каде што требаше да го сними спотот за мегахитот „Игри без граници“.

Заедно со својот близок другар Ѓорѓи Ѓорѓиевски околу полноќ седна во теренскиот џип „фолксваген туарег“, вреден 60.000 евра, и тргнаа од Скопје на патот долг 900 километри до почетната станица. Патем ја собраа менаџерката Лилјана Петровиќ од наплатната рампа кај Ниш. Теренецот го возеше Ѓорѓиевски, иако не му беше професионален возач на Тоше. Впрочем, најголемата балканска ѕвезда и немаше свој шофер, немаше ниту шминкер, обезбедување, стилист. Имаше само менаџер и силна волја да успее.

Page 10: Фељтон Тоше

Тројката од Скопје без проблеми стигна до последната етапа од патот. Џипот влезе во Хрватска. Останаа уште 330 километри до Загреб по најубавиот дел од делницата Скопје - Љубљана. Новоасфалтиран пат, без ниту една дупка. Пречка единствено претставуваа ноќта и слабата магла, која во славонската рамнина речиси секое утро е редовна појава. Но, на два километра од наплатната рампа кај Нова Градишка, на околу 150 километри од Загреб, „туарегот“ удри во задниот дел од камион-влекач што се движел пред него.

По ударот, џипот се занел на левата страна од коловозот, се превртел неколкупати и се забил во заштитната средишна ограда на автопатот. Тројцата патници во „туарегот“ веднаш беа пренесени во Општата болница во Нова Градишка. За Тоше беше доцна. Силните повреди во главата и во горниот дел од телото беа кобни за животот на ова екстраталентирано 26-годишно момче. Ѓорѓи се здоби со сериозни повреди на вратните прешлени. Беше и во кома, но немаше опасност за неговиот живот. Менаџерката Петровиќ по судирот мина неповредена. Тоа што седела зад возачот и' го спаси животот.

Малата убава болница во Нова Градишка за миг стана центар на Балканот. Новинари, фоторепортери, сниматели, љубопитни, тажни луѓе од сите земји во регионот побрзаа во ова мало славонско гратче. Сите сакаа да видат каде загина нашиот јунак, да допрат барем дел од тоа што остана на автопатот, да сфатат зошто

Page 11: Фељтон Тоше

судбината беше толку сурова спрема младиот човек.

Персоналот во болницата со скршен глас признаваше дека толку празно не се чувствувале веќе 12-ина години, откако заврши војната во Хрватска. Само како пример, за Нова Градишка се зборува дека по Вуковар најмногу настрада во четиригодишните крвави судири во оваа земја. Секој од гостите во Нова Градишка како да очекуваше дека ќе дојде некој од докторите, медицинските сестри, хигиеничарките и ќе соопшти дека се случило чудо и дека Тоше е жив. Реалноста беше сурова.

Додека новинарите ги правеа своите најтешки извештаи во кариерата, во градовите низ поранешна Југославија иста слика. Нова Градишка не беше исклучок. Запалени свеќи, цвеќиња, венци, мечиња, зајачиња и разни други играчки и сувенири го покрија тревникот кај заштитната ограда на местото каде што се случи трагедијата, како и на градскиот плоштад. Сите радија пуштаа само песни од Тоше, кои одвреме-навреме ги прекинуваше гласот на водителот за уште еднаш да потсети на страшната вест и да каже понекоја фактографска информација за македонскиот пејач. Топлиот октомвриски ден никогаш не бил постуден, а сонцето никогаш не било потемно.

Page 12: Фељтон Тоше

Само седум часа по несреќата, на Тоше му беше направена обдукција и тоа во специјална импровизирана просторија во Општата болница во Нова Градишка, а не во Славонски Брод, каде што вообичаено се вршеле обдукциите. Исклучок беше направен само заради забрзување на постапката, како што побара македонската Влада. Хрватите сакаа достојно да го испратат човекот што им ги освои срцата со својата едноставност, шарм, глас и стас.

Додека беше жив, му „дозволија“ да биде прв на сите можни топ-листи и го пуштаа јавно на своите медиуми, што не му успеваше на ниту еден друг изведувач од поранешна Југославија, а откако почина, со највисоки полициско-воени почести го испратија во родната Македонија.

Вечерта околу 20 часот веќе се' беше подготвено Тоше за последен пат да ја напушти Хрватска. На стадионот во Нова Градишка, од каде што ковчегот обвиткан со македонското знаме летна во хеликоптерот испратен од македонските власти во Скопје, беа присутни поголемите имиња на хрватската естрада.

Тони Цетински рече дека Господ ги зема само најдобрите. „Моето братче отиде прерано, многу прерано, уште не можам да верувам дека го нема“, рече Цетински. Антонија Шола едвај можеше да ја отвори устата за да каже неколку работи за својот близок пријател Тоше.

Page 13: Фељтон Тоше

„Нашите две земји го изгубија најголемиот пријател“, му напиша хрватскиот премиер Санадер на македонскиот колега Никола Груевски.

Во македонските амбасади во Загреб и во Белград беше отворена книга на жалоста, во која граѓаните масовно му укажуваа последна чест на својот идол.

(Продолжува)Музиката запишана во гените

Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (4)

Валентина Тодоровска

Големата дарба и желба за пеење кај Тоше беше забележана уште од детството.

Самиот знаеше да рече: „Талентот и гласот го наследив од мајка ми Домника, а ликот од тато Никола“. Како и да е, машкиот потомок во семејството Проески беше како дар од Господ. Откако се роди, почна повеќе да се пее во нивната семејна куќа во Крушево. Името е семејна традиција - наследено од дедо му и ја има вистинската симболика за животот на Тоше. Инаку, беше весело и љубопитно детенце кое во осознавањето на светот до тригодишна возраст, по желба на неговите, заспиваше со класика.

Периодот на тргнувањето во училиште, во однос на музичките идоли и музиката што си ја слушал, се врзува за Дорис Драговиќ, а потоа фасцинацијата му се префрла на Хулио Иглезијас. Пеење не оди на голо и Тоше почнува да учи гитара и страсно се вљубува во клавир. Првите сознанија за овие инструменти ги има од братучедот на мајка му, Христо Христовски, со кого извесно време вежба.

Во формирањето на неговиот музички вкус влијание има и постарата сестра Дори, која го сака хеви-металот, а меѓу омилените бендови и' се „Металика“, „Вајт снејк“...

На 12 години Тоше на „Златно славејче“ на влашки ја испеа „Мојот дедо“. Многу години подоцна, кога „Златно славејче“ му стана само драго сеќавање, Тоше раскажуваше како се борел со огромна трема - тие неколку дена постојано повраќал и качувал температура. Тремаџија останал секогаш, само што со растењето научил успешно да ја прикрива тремата.

Во 1996 година за Тоше почнува ново поглавје - запишува Средното музичко училиште во Битола и се сместува во интернат. Тоа беше тежок период, бидејќи

Page 14: Фељтон Тоше

како голем емотивец, врзан за домашното огниште, својот град и познатите ликови, се борел со чувството на осаменост. На Битола тешко се привикнувал, му изгледала туѓо, па многу често одел на автобуска станица и носталгично ги гледал луѓето кои заминуваат за Крушево. Кога носталгијата станувала неиздржлива, заминувал дома, со ризик да позајмува пари за да се врати.

Официјален старт во музичката кариера почнува со две победи на фестивалот за млади таленти „Мелфест“ во Прилеп, во 1996 и во 1997 година. Првпат ја пеел „Јестрдеј “ од „Битлси“ со што ја освои првата награда од жирито, а потоа „Мај лав“ од Стиви Вондер и Хулио кога „паднаа“ и публиката и жирито.

Во 1997 година му се случува Штип и „Макфест“ со песната „Пушти ме“ на Горан Милошески. Една година подоцна, го гледаме на „Скопски фестивал“, во времето кога Владо Јаневски со „Не зори, зоро“ како наш евровизиски претставник оди за Бирмингем. Тоше ја пее „Остани до крај“ од Хари Котларовски, Кристијан Габровски и Дарко Димитров .

Тогаш му се случува пресврт - забележан од многумина, ја започнува кариерата со Григор Копров. На блескавиот старт со композиторот му претходеше средба и договор за кој менаџираше татко му Никола.

„Приказната за мојата соработка со Тоше почна највообичаено - секретарката го најави татко му на Тоше, кој едноставно ми кажа: ’Копров, јас сум сиромав човек, ама имам исклучително талентирано дете, па би сакал да го слушнете. Се консултиравме со целата фамилија и мислиме дека само вие од него можете да направите пејач‘“.

Со оглед на тоа што во тој период течеа подготовките за Евровизија, средбата со Тоше е стопирана. Ама не за долго.

„Никола ме бараше на пет-шест дена, па набргу закажавме средба. Се сеќавам беше недела, околу 11 часот, пиев кафе во Гранд хотел . Пред да дојдат Никола и Тоше, си го враќав филмот и си реков - што ќе беше со мене да не постоеше Шпато? Доколку добро пее, како што вели татко му, решив да му дадам шанса. Кога се запознавме, Тоше беше голобрадо момче. Не сакав да потпишувам договори, ми изгледаа чесно, и им кажав дека за мене образот е чест. Единствен услов беше јас да му ги одбирам песните, бидејќи од искуството знам дека пејачот, и покрај најдобрата намера, не може да го одбере најдоброто за себе. Не барав никакви пари, се договоривме околу снимањата и се разминавме со убаво чувство. Тоше и Никола беа пресреќни. Набргу дојде фестивалот ’Охридски трубадури‘, каде што идната ѕвезда ја отпеа ’Усни на усни‘. Ја испеа на свој начин, ја внесе препознатливата лирика во интерпретацијата и бранот се крена“, се сеќава Копров.

Page 15: Фељтон Тоше

Во поголемиот дел во интервјуата Тоше истакнувал дека песната „Усни на усни“ за него има пресудно значење во кариерата, бидејки слушајќи ги реакциите од публиката, се чувствувал величествено. „Прв вистински фестивал беше ’Охридски трубадури‘, што ќе го паметам по убавото дружење со колегите. Три дена во ’Палас‘ постојано пеевме и бевме како големо семејство“.

Тие неколку дена во Охрид сите што имаа можност да го видат Тоше пред, по и за време на фестивалот не можат да скријат симпатии. Тој пееше без престан, зад бина, во фоајето, собата.., поради што еден од вработените на хотелот праша кој го остава радиото вклучено дење - ноќе . Инаку, во холот на хотелот, постојано го демнеа девојчињата. Тоше беше пресреќен и многу срдечен.

„Во меѓувреме, Владо Јаневски правеше концерти низ Македонија, па го замолив да го земе Тоше, постепено да се афирмира и да настапува пред него“, раскажува Копров. „Така дознав дека понатаму ’Авалон‘ ќе работи со него. Даниел и Бобан ми кажаа дека потпишале договор, им посакав среќа... Потоа излезе албумот ’Некаде во ноќта‘, па ’Синот Божји‘. Се редеа фестивали, хитови - ’Излажи ме‘, ’Немир‘ - дуетот со Каролина, ’Во коси да ти спијам‘... Сава центар го наполнивме со македонски песни. Тоше ги имаше сите квалитети на голем пејач и сметам дека барем 70 отсто заслуга за неговата кариера ја имам јас. Имаме таленти, но таков се раѓа на 50 години. Плус беше воспитан и културен.

Инаку, Тоше за себе често знаеше да рече дека е роб на зборови. Дека секогаш кога слуша песна, првин се лепи за текстот и доколку од него му затрепери срцето, зборовите се вистински. Затоа беше и многу пребирлив кога се во прашање текстовите што тој ги пееше, бидејќи сакал да се идентификува со зборовите. Му поминувале морници за стихот „додека спиеш, убаво ми е“ од „Сонце во твоите руси коси“, зашто го потсетило на една девојка од Белград, која кога дошла во Крушево, немала каде да спие, па Тоше ја поканил кај него дома.

Поголемиот број на текстовите на Тоше (вкупно 25) се потпишани од Огнен Неделковски – „Усни на усни“, „Сонце на твоите руси коси“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Тајно моја“, „Го лажам секој нов рефрен“, „Солзи прават златен прстен“...

„Го запознав Тоше во Охрид 1998 година. Пријде во холот на хотелот ’Палас‘ и ми рече: ’Јас сум Тоше. Ти благодарам што ми напиша толку убав текст‘, се сеќава Огнен.

Во февруари идната година, Ранко Петровиќ од Буба мара радио ми се јави и рече: ’Мораме да го најдеме Тоше, треба да пее на Златна Буба мара на популарноста. Ја има добиено наградата за откритие на годината, а ти за текстописец на годината‘. Се јавив во Крушево и разговарав со чичко Никола. Ми рече: ’Тоше би дошол, ама

Page 16: Фељтон Тоше

немаме автомобил‘. Му пренесов на Ранко, кој им испрати такси до Крушево и вечерта Тоше пееше во Универзална сала. Таква еуфорија дотогаш немам видено“.

Огнен со радост се сеќава на концертот на лизгалиште на дождот. „Седиме во публиката, накиснати, среќни, задоволни. Деца, девојчиња, нивните родители. Тоше ги отпеа песните од првиот албум. По двапати. Имаше само девет песни и желба да пее до рано наутро. Никој не ни помисли да си оди. Тогаш беше јасно дека Тоше ја освои публиката засекогаш.

Тогаш првпат син ми Филип го однесов на концерт. Беше пресреќен што ги слуша песните на својот миленик.

Сеќавањата на Огнен се врзуваат и за зимата 2003 година, во станот на Тоше во Козле, каде што ги подготвуваа текстовите за двојниот албум „Ден за нас“. Тој му ги носеше препевите за „Велам лејди“, „Жена балканска“ и „Ме сакаш со зборови“.

„Тоше беше настинат и имаше температура, но седна на синтисајзерот, ги провери и ми ги врати на доработка. Рече: ’Имам една мелодија, запиши ја метриката, немам диктафон. Ја отсвири и ме инспирира. Утредента му го пратив текстот по мејл, беше воодушевен. Така настана песната ’Има ли ден за нас‘. На последниот албум ’Игри без граници‘ направив пет препеви. Не му се допаднаа. Откако излезе албумот, му се јавив и му реков: ’Не ти се лутам. Препевите на Весна се одлични. Ти бараше апстрактни текстови, јас напишав љубовни. Не се разбравме‘.

(продолжува)Во Музичкото училиште беа споулавени по Тоше

Животот, кариерата и мечтите на ТОШЕ (5)

Билјана Јовановска

Уште како 14-годишно момче, со куферче во раката, Тоше Проески го напушти семејниот дом на улицата „Томе Никле“ 32 во Крушево. Се оддели од своите најмили за да го продолжи образованието во Битола. Исто како и на голем број негови врсници крушевчани, единственото средно училиште во градот не му беше предизвик за продолжување на школувањето. А талентот за музиката веќе беше потврден со успешниот настап на „Златно славејче“ кога имал само 12 години.

Немаше дилеми дека професионално ќе се насочи кон музиката. Сепак, заминување од градот за кој остана нераскинливо врзан, дури и во периодот кога стана многу популарен и надвор од границите на Македонија, му падна тешко. Но, немаше избор.

Page 17: Фељтон Тоше

Со татко му Никола замина на приемен во Музичкото училиште во Битола. Иако Тоше имал исклучителен талент за пеење, семејна одлука била да се запише на инструмент. Го положил приемниот испит на општата насока, а потоа, кога се избирале инструментите кои ќе им станат потесна специјалност, Тоше се определил за кларинетот. Успешно ги совладувал вештините на инструментот, но практика е ученикот и надвор од наставата да вежба. А, за такво нешто требаше да се купи кларинет.

Семејството Проески, кое во тоа време, како и голем број македонски семејства, не било во можност да го школува детето во друг град и згора на тоа и да му купи инструмент, се нашло пред сериозен проблем. Еден вистински добар кларинет, велат музички стручњаци, чинел меѓу 6.000 и 10.000 тогашни марки. Семејниот буџет тоа не можел да го издржи.

„Што чаре да бараме“, му велел таткото Никола на Јонче Кузев, директорот на Музичкото во Битола и професор по солфеж. „Тоше беше исклучително надарено дете, постојано вежбаше на училишниот кларинет, но бидејќи и како мал преубаво пееше, му предложив на професорот по соло-пеење Пеце Митревски да го слушне“, се сеќава директорот.

Кога во понеделникот во Битола професорот Митревски ни раскажуваше за музичките почетоци на Тоше, се потсети со колку љубов и емоции на приемниот за соло-пеење ја исполнил песната „Опрости ми папе“ од Оливер Драгоевиќ. Едноставно, детето беше бележано, вака професорот го опишува талентот за пеење на момчето кое тогаш ни во најлудите младешки сни не сонувало дека многу скоро, пред да го заврши средното образование, ќе ја започне пејачката кариера, која ќе го извиши над многу други поискусни и позвучни имиња.

„Таткото на Тоше беше презадоволен што синот се префрли на соло-пеење и во знак на благодарност донесе бонбониера да ги почести професорите. Како да му се отвори нова бранова должина“, се сеќава Кузев.

Веднаш по запишувањето во Музичкото училиште, Тоше станал омилен меѓу врсниците и професорите. Секому сакал да му помогне, а останал запаметен и по тоа што на одморите бил најгласен. Само тој пеел низ ходниците. И како дете имал преубав глас, па веќе во втора година бил еден од најперспективните ученици. А нивни ученици, велат професорите, биле и некои кои денес се дел од скопската Опера, а еден - Емино Билен, кој на Тоше му бил придружен вокал на натпреварот за камерни состави, кога освоил прва награда, пее дури во „Метрополитен“ во Њујорк.

Директорот си спомнува дека Тоше бил дете со ѕвезда. Секогаш насмеан, подготвен да помогне, распеан... Живеел во Интернатот и веќе во трета година почнале да доаѓаат од битолската гимназија и од медицинското за да го слушнат. „Што да ви кажам, споулавени беа по Тоше. Лично бев среќен зашто во него видов ѕвезда уште кога се запиша кај нас“, вели Кузев, кој му предавал солфеж. И да не

Page 18: Фељтон Тоше

дојдеше на училиште, веќе следниот ден, само да ја видеше вежбата по солфеж, веднаш ја совладуваше. И тогаш кога гласните жици му беа преоптоварени, ќе го замолев нешто да испее, а тој само ќе ми речеше: ’За Вас, директоре, никогаш нема проблем‘“.

За Тоше, како за момче со немирен дух и огромен потенцијал, говори и професорот по соло-пеење. „Немаше песна за која рекол дека не може да ја исполни. Таков талент се раѓа еднаш во 200 години. Ги чувствуваше песните без оглед на жанрот. Што да му дадев како задача, за еден-два часа, ќе ја подготвеше изведбата. Посебна слабост му беа наполитанските песни, особено ’Аријата за Карузо‘, ама и дуетите од Менделсон“, раскажува Митревски.

Професорот се сеќава и на музичките почетоци на Тоше, кога тој зачестено почнал да отсуствува од наставата. „Телефоните во училиштето јачеа и често помислував дали навистина го канат музички уредници од телевизиите, или станува збор за обожавателки“. А Тоше, кој во трета година го имаше настапот на „Мелфест“, каде што освои прва награда, постојано молел: „Аман, професоре, пуштете ме да одам да пеам“, вели Митревски.

Директорот Кузев си спомнува дека отсуствата од наставата особено го загрижувале таткото Никола, но тоа не било којзнае колкав проблем, зашто Тоше успевал се' да надомести. На прославата на матурската директорот сакал да им го претстави даровитиот ученик и на професорите кои не му предавале и имал посебна желба: „Му реков, Тоше од мене виде добра оценка, петка, и сега сакам да ми испееш нешто за душа“. А тој, како едвај да дочека. Им ја разубавил забавата на сите.

Професорот по соло-пеење не крие дека бил против забавната музика, зашто во својот ученик гледал тенор „со препознатлив метал во гласот“, кој ќе му ги отворел и светските оперски сцени. Свежи му се и сеќавањата на еден семинар што го држеле двајца големи оперски пејачи од Италија Антонио Боае - баритон и Мирела Парута - сопран, кои во една опера настапиле заедно со Павароти. Кога го слушнале Тоше, се вљубиле во неговиот кадифен глас и му препорачале да и' се посвети на класиката.

Контактите со момчето кое прерано го заврши животот останале и по завршувањето на Музичкото училиште. „Кај татко му редовно одев на Св. Никола, бидејќи тоа им е семејна слава, а Тоше секогаш лично ме канеше на своите промоции и концерти. Еднаш ме покани на концертот на Олимпискиот базен. Бев многу горд на мојот ученик, зашто тој е меѓу најталентираните кои се школувани во битолското Музичко училиште. И на школо немаше дете кое не беше вљубено во него. А истото тоа го почувствував и на концертот. Затоа му реков: ’Што направи, бе, Тошка?! За четири години не сум напишал толку оценки колку што автограми ти даде вечерва‘“.

Page 19: Фељтон Тоше

Иако со сериозно нарушено здравје, професорот Митревски бил во Крушево и при последното испраќање и на 40-дневниот помен на некогашниот ученик. Ни кажува дека би отишол да ги посети родителите, но знае дека таа средба би била многу, многу тажна.

Онака тажно, на разделба, ни вели: „И запишете: Тоше не беше ни обично дете, ни обичен пејач, ни, пак, секојдневна личност. Поради сето она што во својот кус живот го остави зад себе, тој има само ден на раѓање. Но, не и на смрт, бидејќи ќе живее вечно“.

(Продолжува)